Во април, првпат по долг период почнаа да паѓаат и штедните влогови и кредитите. Наместо да растат, како што сите очекуваа и предвидуваа, минатиот месец има обратен процес. Единствено расте штедењето и кредитирањето за граѓаните, кај фирмите се' е во надолна линија. Вкупните штедни влогови во април изнесувале 4,29 милијарди евра, па во споредба со март се намалени за 14 милиони евра, покажуваат најновите податоци објавени на веб-страницата на Народна банка на Македонија. Од своите депозитни салда најмногу подигнувале компаниите. Тие во април, споредено со март годинава, повлекле 47 милиони евра, или ако во април депозитите на фирмите изнесуваат 890 милиони евра, во март тие биле 937 милиони евра. Кај депозитните сметки на граѓаните штедењето е повисоко за 27 милиони евра што покажува дека населението секој слободен денар го носи во банка.
Во април, првпат по долг период почнаа да паѓаат и штедните влогови и кредитите. Наместо да растат, како што сите очекуваа и предвидуваа, минатиот месец има обратен процес. Единствено расте штедењето и кредитирањето за граѓаните, кај фирмите се' е во надолна линија.
Вкупните штедни влогови во април изнесувале 4,29 милијарди евра, па во споредба со март се намалени за 14 милиони евра, покажуваат најновите податоци објавени на веб-страницата на Народна банка на Македонија. Од своите депозитни салда најмногу подигнувале компаниите. Тие во април, споредено со март годинава, повлекле 47 милиони евра, или ако во април депозитите на фирмите изнесуваат 890 милиони евра, во март тие биле 937 милиони евра. Кај депозитните сметки на граѓаните штедењето е повисоко за 27 милиони евра што покажува дека населението секој слободен денар го носи во банка.
Фирмите и во првите месеци од годинава трошеа од своите депозити но, во март овој тренд беше стопиран. Тамам приватните компании почнаа да ги зголемуваат своите банкарски конта, во април повторно почнале да повлекуваат средства.
Но, не само кај депозитите, во април има намалување и кај кредитите, а зголемување пак, на сомнителните побарувања на банките.
Вкупните кредити во април изнесуваат 3,841 милијарди евра, а во март биле 3,845 милијарди евра. Падот е минимален, а околу 5 милиони евра, но доаѓа во период кога се очекуваше кредитите да растат, а не да паѓаат.
Бројките на Народна банка покажуваат дека комерцијалните банки повторно дигнале рачна за компаниите. Па така кај приватните фирми вкупното кредитно портфолио се намалило за 20 милиони евра. Или ако во март вкупните кредити одобрени кон компаниите изнесувале 2,228 милијарди евра, во април паднале на 2,208 милијарди евра.
Кај граѓаните повторно има раст на кредитирањето, за 14 милиони евра.
Лош сигнал дава зголемувањето на проблематичните кредити, кои после неколкумесечен застој повторно бележат раст. Тие во март изнесуваа 418 милиони евра, а во април се искачија на 428 милиони евра. Со што тие зафаќаат 11,4 отсто од вкупното кредитно портфолио.
Овие априлски тенденции ги нарушија очекувањата на македонските власти. А при последната посета на Мисијата на ММФ, шефицата Ивана Владкова Холар, отворено порача дека банките не се доволно ориентирани кон давање заеми на приватниот сектор, главно заради вложувањата во државни хартии од вредност. Пред неколку месеци и гувернерот Димитар Богов ги повика банките повеќе да ги кредитираат компаниите отколку државата. Според последните проекции, тој очекува банките годинава да одобрат околу 8 отсто повеќе кредити од лани, што ќе се одрази позитивно и на заживување на економијата. Заклучно со првиот квартал, кредитниот раст достигнал 5 отсто, при што позабрзано растело кредитирањето кон граѓаните отколку кон приватните фирми. Министерот за финансии Зоран Ставрески смета дека како ќе заживува економската активност ќе расте и кредитирањето.